Само за еден месец, односно во април годинава, девизните резерви на државава се намалиле за близу 85 милиони евра. Ова го покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои говорат дека на крајот на април девизните резерви на земјава изнесуваат 2,146 милијарди евра, наспроти нивото од 2,230 милијарди кое го имале во март. Ова е најниско ниво на девизните резерви од почетокот на годинава. Минатата 2012 државава ја заврши со девизни резерви од 2,193 милијарди евра. Во јануари тие се зголемија за 70 милиони евра, односно достигнаа 2,263 милијарди евра, и тоа беше нивниот највисок износ. Причина за овој пораст беа земените странски кредити, од Дојче банк и од Светска банка, од околу 290 милиони евра, од кои потоа, пак, најголемиот дел се искористи за исплата на еврообврзницата, но еден дел остана во земјава, и за него беа зголемени девизните резерви.
Само за еден месец, односно во април годинава, девизните резерви на државава се намалиле за близу 85 милиони евра.
Ова го покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои говорат дека на крајот на април девизните резерви на земјава изнесуваат 2,146 милијарди евра, наспроти нивото од 2,230 милијарди кое го имале во март.
Ова е најниско ниво на девизните резерви од почетокот на годинава.
Минатата 2012 државава ја заврши со девизни резерви од 2,193 милијарди евра. Во јануари тие се зголемија за 70 милиони евра, односно достигнаа 2,263 милијарди евра, и тоа беше нивниот највисок износ. Причина за овој пораст беа земените странски кредити, од Дојче банк и од Светска банка, од околу 290 милиони евра, од кои потоа, пак, најголемиот дел се искористи за исплата на еврообврзницата, но еден дел остана во земјава, и за него беа зголемени девизните резерви.
Потоа во февруари имаше мало намалување на резервите, за 19,2 милиони евра, а во март за уште 13,8 милиони евра. Но, падот на државните девизни резерви во април е најзначаен досега, за 84,7 милиони евра за еден месец. Априлското снижување, пак, во споредба со јануарското ниво изнесува дури 117,7 милиони евра.
Најголем дел од девизните резерви на земјава Народна банка на Македонија чува во хартии од вредност. Таму во април имало најголемо намалување, за дури 54,2 милиони евра. Поточно, во хартии од вредност на други држави кои важат за најниско ризични, односно со највисоки оценки за кредитниот рејтинг, нашата земја во април држела 1,747 милијарди евра, додека во март нивното ниво било 1,802 милијарди евра.
Потоа следува монетарното злато, каде што намалувањето е за 27,7 милиони евра, односно ако во март вредноста на девизните резерви во монетарно злато изнесувала 272,9 милиони евра, во април таа била на ниво од 245,2 милиони. Во валути и депозити, пак, вредноста на девизните резерви во март била 154,4 милиони евра, а во април се намалила за 4 милиони евра. И, сосема минорен дел од 3 милиони евра централната банка чува во специјални права на влечење.
Прашавме во НБМ како го коментираат најновото намалување за 85 милиони евра на девизните резерви во април.
Од централната банка велат дека треба да се има предвид оти вредноста на девизните резерви, покрај тоа што зависи од тековните приливи и одливи на средства врз основа на трансакциите на државата, од интервенциите на Народна банка на девизниот пазар во насока на откуп или продажба на девизи, како и од приливите врз основа на поврат на пласираните средства, е определена и од ценовните и валутните промени на средствата во кои се инвестирани девизните резерви.
Попрецизно, како што објаснуваат од НБМ, главни причини за намалување на девизните резерви во април биле исплатата на дивиденда на една странска компанија што работи во земјава кон својата „мајка, како и намалувањето на цената на златото.
„Конкретно, во април, исплатата на дивиденда на една поголема компанија со странски капитал кон странскиот инвеститор, предизвика одливи на средства од банкарскиот систем и поголемо присуство на Народна банка на девизниот пазар во насока на продажба на девизи. Исто така, како што може да се види и од објавениот извештај за девизните резерви, како еден од позначајните фактори за промена на девизните резерви во април беше и златото. Во услови на одржување стабилно количество, вредноста на златото се намали пред се' како резултат на флуктуациите на неговата цена“, изјавија од централната банка за „Утрински весник“.
Од таму уште и нагласуваат дека во моментов движењата на девизниот пазар се стабилни, а состојбата на девизните резерви се одржува на адекватно ниво.
Инаку, уште минатата година централната банка одлучила, поради кризата и зголемените ризици во еврозоната, девизите да бидат инвестирани и во други четири нови валути, како што се австралиски и канадски долар, норвешка и шведска круна. За да ја намали изложеноста кон кредитен ризик, и годинава НБМ планира 1,25 отсто од девизните резерви да ги пренасочи во нови валути.
„Се предвидува дека почнатиот процес на валутна диверзификација на девизните резерви во нови валути коишто ќе овозможат балансирање на изложеноста кон кредитен ризик од една страна, и одржувањето на нивото на куповна моќ на девизните резерви на долг рок, од друга страна, ќе продолжи и во наредната година. За таа цел, за 2013 е предвидено дополнителни 1,25 отсто од девизните резерви да се пренасочат во финансиски инструменти деноминирани во нови валути, кои се карактеризираат со повисоки стапки на поврат, но и висока ликвидност и сигурност на инвестициите“, се вели во годишниот Извештај за работењето на НБМ за минатата година, кој централната банка го објави неодамна.
Инаку, најголем дел од девизните резерви во 2012 година биле инвестирани во евра, односно 66,6 проценти, наспроти 77 отсто колку што во евра биле инвестирани во 2011 година. Просечното годишно учество на новите валути во рамки на девизните резерви лани изнесувало 9,5 отсто и било во согласност со предвидените инвестициски ограничувања, се наведува во извештајот.